Денот “Д” за Македонија
Објавено на 23/01/2018 | РАКОМЕТ

Вечерва во Вараждин со почеток од 20:30, Македонија го игра претпоследниот натпревар од ЕП во Хрватска против репрезентацијата на Чешка. Стариот познаник на нашите ракометари е противникот кој мора да загуби доколку Македонија сака да остане во борба за позиција која носи во полуфиналето, но и за третото место што гарантира натпревар за борба за 5та позиција. Токму поради ова, ова е денот “Д” за нашите најдобри ракометари кои мораат да покажат подобро издание отколку она со Шпанија во кое поради катастрофалните грешки бевме целосно надиграни.

Чешка е наш стар познаник. На досегашнтие девет меѓусебни натпревари, четири победи имаат забележано нашите ракометари, на три пати беа поразени, а два натпревари завршија без победник. При тоа најголемата победа над Чешка, Македонија ја забележа токму во квалификациониот циклус за пласман на ова ЕП кога во Скопје бевме подобри со 33-20. Од друга страна, во првиот меѓусебен натпревар одигран во далечната 1998 година, Чешка не прегази со 38-18 што воедно е и најголемата победа на Чешка над нашата репрезентација.

Интересно е што и во овој натпревар Македонија влегува како аутсајдер барем од поглед на букмејкерите кои фаворитската улога и ја даваат на Чешка. Тоа секако е мотив плус за нашите ракометари кои имаат само еден пораз на ова ЕП наспроти чешката репрезентација која забележа два порази и тоа од Шпанија со 32-15 во групната фаза и од Германија со 22-19 во главната фаза.

Натпреварот Македонија – Чешка започнува вечерва во 20:30, а правдата ќе ја дели руската двојка Зотин и Володков.

Тагови