Докторе дај очила, не го гледам европскиот Вардар!
Објавено на 15/09/2014 | ФУДБАЛ

За на очно сум, не гледам од блиску, веќе ми се мати, години ме навјасале, ама за на далеку како сокол гледам, а европскиот Вардар ниту го гледам, ниту ми е на хоризонтот.

А, како мегафонски се најави, па и ни се етаблира тоа како максима „Европски Вардар“, чудо едно. Ама од тој Европски Вардар единствено што до сега видовме е компјутерската анимацвија на идејниот проект за спортскиот комплекс кој е до сега, веројатно и во подолго време најдоброто што треба и требаше да се направи. За тоа, капата долу. Секоја чест.

Ама, а бре нели Вардар ќе беше и по се друго европски, нели тим, преваленција, публика, шмек !?  Европскиот Вардар пак никој не го гледа, ама и буквално, пак празен стадионон.

За Комити нема муабет, тие одат од срце, тие не се публика.

Од изјавите каков ќе биде Вардар кога го купуваа, сегашнава слика, ама и потезиве како да деклинираат од тогашното.

Уште никој не ретерира, ама да не даде господ и тоа да не биде.

Вардар нема ништо европско, уште. Ниту тим, ниту тренер, ниту звучни имиња (не дека ерменецот е лош, напротив, ама за европски требаат и многу подобри профили), ниту инвентивна структура која од Вардар не ќе направи, тој во едно дамнешно време беше, туку ќе му го врати приматот магнет за публика.

Ракометот на Самсоненко е нешто друго, Лига на шампиони, ѕвезди бре што имаат светски сјај, а и сала е, па секој сака да оди и да ги види и да биде виден. Иако, ако е домашно првенство и ако не е Металург, не ќе биде баш иста сликата.

Бадијала што им текна со влезници за ракомет да се гледа и фудбал, никој не им оди, оти нема што да види. А, не му е секому до диоптријата.

Ако нема тим што знаеш дека гази, што ќе очекуваш од некоја подзатемnetта нека е, ѕвезда, да видиш потег, гол, финта…ништо не бидува. И пиво со сендвич да даваат, пак ќе се празни трибините.

Со божем враќањето на вардаровите легенди (а, и со тоа малку пополека, затоа што секој што поминал некоја година во Вардар повеќе, не значи дека е легенда)   само се мачкаат очи. Имиња во структурите на клубот треба, но да се има стратегија и визија зошто се носат. Треба да знаат и да умеат проектот ако го имаат, да го сработат, не само…ај, се изнасликавме и има вардарови имиња во Вардар, не Европски Вардар што уште го чекаме, само Вардар.

И, ќе го биде ли тој Европски? Кога? Летово екипа не се направи за европски резултати. Каков таков, за овде дома пак ќе помине некако, иако и тука се тегават се почесто затоа што човекон на Самсоненко (тој е само една од причините, ама за играта и клучна) знае стратегија верувам за нијанса помалку и од мои познаници што не се тренери, а ме убедиле дека згрешиле што не оделе во тој свет.

Атавизмот на Вардар од генерации на кои сме се воодушевувале уште не се ни наѕира.

За Лига Европа, нели таа ја посакува, Лига шампиони уште му е силна ( а, Ренова дома не може да ја тепа), тим се гради перманентно, и игра исто. Ако очекуваа зимски преоден рок, малку задоцнија, костур сите прават во лето. И, ТРЕНЕР ТРЕБА!!!

Ако Европскиот треба дури во 2015/16 да го видиме, возот е веќе тргнат, станиците минуваат, а Вардар е без багаж. Веќе се доцни.

Вардар ако добро разбравме кога го купија, најавија дека ќе видиме … sic itur, ad аstra…или како се оди до височините, до ѕвездите, ама…!?

Или јас не гледам!?

Докторе дај очила и за на далеку, од блиску знам дека не гледам добро,  до мене ќе е…навистина ме навјасале годините!

Тагови