Фенербахче ќе ја брани титулата во Евролигата
Објавено на 27/04/2018 | КОШАРКА

Кошаркарите на Фенербахче се вториот учесник на фајналфор турнирот во Белград откако вечерва славеа на гостувањето против Басконија со резултат 83-92, добивајќи ја оваа четвртфинална серија со 1-3.

Извлекувајќи поуки од поразот од пред два дена, избраниците на Обрадовиќ овојпат одиграа како што им доликува на актуелните европски шампиони, доминираа од почеток до крај и заслужено стигнаа до пласман на Ф4.

Актуелните шампиони уште во раната фаза на натпреварот го наметнаа своето темпо, добивајќи ја првата четвртина со 19-25, за потоа уште повеќе да доминираат во вториот дел од мечот, добивајќи го со 13-23. Искусен тим како Фенербахче знаеше како да ја одржи оваа предност, не дозволувајќи им на шпанските кошаркари ниту за момент да се надеваат на камбек, се до конечните 83-92.

Гудуриќ беше во главна улога со 22 поени, еден помалку постигна Мели, а двоцифрен ефект имаше и Калиниќ со 13 поени. Кај поразениот тим најефикасен поединец беше Порие со 14 поени.

За Жељко Обрадовиќ ова ќе биде 17ти Ф4 турнир во кариерата, а ќе има можност да дојде до својата 10та титула со што ќе стане убедливо најтрофејниот тренер во ова натпреварување.

Противник на Фенербахче во полуфиналето ќе биде тимот на Жалгирис, кој е најпријатното изненадување во Евролигата за оваа сезона.

Тагови