Христиан Илиоски стартуваше со припремите пред почетокот на новата сезона во мото-крос

Нашиот најдобар мото-крос возач низ историјата на Македонија, Христиан Илиоски стартуваше со подготовките пред почетокот на новата сезона во мото-крос. Илиоски како и пред почетокот на секоја сезона, така и во оваа влегва со многу предизвици, но и многу проблеми, повторно како и секоја година оние финансиските.

Откако првиот дел од подготовките за новата мото-крос сезона ги мина на патеките во Битола и Прилеп, вториот централниот дел од подготовките ги мина на седум дневни подготовки во Гевгелија, на патеката ,,Милци”. Илиоски за ТИП вели дека ја одбрал патеката во Гевгелија, заради тоа што токму оваа патека најмногу наликува како оние што се во Белгија и во Холандија.

,,Централниот дел од подготовките го поминувам на патеката ,,Милци” во Гевгелија. Патеката е многу тешка со многу песок и многу дупки, многу наликува на оние во Белгија и Холандија каде што се припремаат останатите конкуренти за највисок пласман. За мене сезоната започнува веќе наредната недела, каде што ќе учествувам на трка во Грција, со што ќе ми биде добар тренинг. Трките од источно-европскиот шампионат започнуваат кон крајот на Март, а првата трка е токму во Грција.” – ни вели Илиоски.

Проблемите со немање спонзори и немањето на слух на државните органи задолжени за развојот на спортот во Македонија,  се главен проблем за Христиан и без финансиска помош и план влегува и во оваа сезона.

,,Новиот мотор треба да пристигне секој момент, благодарение на соработката што ја имам со кипарската INATV, со која што соработката ми е од минатата сезона” – ни заврши Илиоски.

Тагови