Јаневски: Со добра организација да дојдеме до добар резултат
Објавено на 19/10/2017 | Мак Фудбал, ФУДБАЛ

Во пресрет на вечерашниот натпревар од третото коло од групната фаза од Европа Лигата, кормиларот на Вардар, Чедомир Јаневски на прес конференција ја даде изјавата за очекувањата од натпреварот.

„Против себе имаме противник за респект, тим со долга традиција кој што игра во најсилните првенства во Европа и скоро секогаш завршува меѓу првите пет на табелата. И при составувањето на групата, знаевме дека Зенит и Реал Сосиедад се главни фаворити за првите две места. Реал Сосиедад до сега освои само три бода, и тука ќе ја гледа шансата да ги освои трите бода против нас. Ние од натпревар во натпревар одиме во нагорна линија, односно формата ни се подобрува. Вториот меч со Розенборг го одигравме многу подобро од оној првиот против Зенит. Против Шкендија во првенството видов дека играчите се полни со самодоверба и се подготвени за утрешниот натпревар да ги освоиме првите бодови во Европа. За да дојдеме до првите бодови во групната фаза, ние добро ги анализиравме во домашното првенство и во Европа. Знаеме дека е добар тим, тим кој што сака да ја има топката во посед, играат офанзивен фудбал, постигнуваат голови исто така и примаат. Значи играат на гол повеќе. Затоа ние добро се подготвуваме на овој натпревар, со една добра организација да бидеме концентрирани од првиот до последениот момент и верувам дека ние ќе ги искористиме нивните слабости. Ги респектираме, но веруваме во своите квалитети и затоа велам со добра организација ќе дојдеме до добар резултат. Посакувам и поддршка од публиката од нашата публика која може многу да придонесе“, изјави Јаневски.

Натпреварот Вардар – Реал Сосиедад се игра денеска со почеток од 19 часот.

Тагови