Карлос Сајнц: “Сакам да се борам за титулата следната сезона”
Објавено на 19/06/2017 | АВТО МОТО, МЕЃУНАРОДЕН СПОРТ

Карлос Сајнц Јуниор не се плаши да си постави високи цели во кариерата во Формула 1. Шпанскиот пилот на Торо Росо, призна дека сака да се бори за светската титула уште во следната година. За целта тој се надева да ги убеди со настапот шефовите на Ред Бул, Кристијан Хорнер и Хелмут Марко, дека има квалитети за првиот тим.

“Уште од дете секогаш сум си поставувал високи цели. Оваа година сум решен да покажам на шефовите во Ред Бул дека заслужувам место во првиот тим. Знам дека ако успеам да влезам, имам квалитети да ја постигнам својата основна цел – да се борам за светската титула. Во најдобар случај тоа може да се случи во текот на следната година. Во Ред Бул знаат каква е мојата цел и внимателно ја следат мојата презентација во Торо Росо”, изјави Сајнц Јуниор.

Од почетокот на сезоната 2017 синот на рели легендата Карлос Сајнц успеа да се пласира во зоната на поени во пет од седум старта. Најдобро претставување досега му беше во Монако, каде што финишира шести веднаш по фаворитите од Ферари, Мерцедес и Ред Бул.

Тагови