Катастрофални грешки, заслужен пораз
Објавено на 21/01/2018 | РАКОМЕТ

Катастрофално издание на македонските ракометари, бројни грешки и заслужен пораз. Македонија, во првиот натпревар од главната рунда загуби убедливо 31-20 од репрезентацијата на Шпанија.

Натпреварот беше решен по само половина час игра кога Шпанија имаше предност од +10. По третина полувреме, шпанците водеа 6-1, а бројните грешки и безидејноста во нападот наговестуваше убедлив пораз.

Македонија немаше што да загуби, па Раул во вториот дел се реши за доста комбиниран состав. Меѓу стативите застана Митревски кој забележа одлични 14 одбрани. Сепак и вториот дел не беше ништо подобар од првиот, одбрана како и да немавме, а најзаслужен за поразот од само 11 разлика беше токму Митревски.

За најдобар ракометар на натпреварот беше избран шпанскиот голман Гонзало кој забележа 18 интервенции. Од друга страна Митревски беше најистакнат на голманската позиција со 14 одбрани за 30 минути додека Ристовски забележа 7 победи за исто толкав период. Најдобар стрелец со шест погодоци беше Гурбиндо додека во нашите редови најмногу постигна Стоилов, пет.

Со овој пораз Македонија останува на пренесените три поени пред двата клучни натпревари против Чешка и Данска, во вторник и среда.

 

Тагови