Кире Лазаров: Пресреќен сум што напорната сезона ја крунисувам со финале во ЛШ!
Објавено на 27/05/2018 | РАКОМЕТ

Најдобриот македонски ракометар на сите времиња Кирил Лазаров е херојот на Нант за пласманот во финалето на Ф4 турнирот во Келн.

Секогаш скромниот Лазаров изјави дека целиот тим на Нант е заслужен за овој подвиг, иако е јасно дека нашиот интернационалец со 8 постигнати голови на денешниот дуел со ПСЖ е најзаслужен за пласманот во големото финале. Со новите 8 гола, Лазаров стигна до бројката од 59 гола што е рекорд за еден ракометар на Ф4 турнирите од ЛШ.

„Не знам што да кажам, ова е навистина феноменално… Верувавме во победата иако игравме против реално подобар тим. Дури 80% од тимот на Нант со солзи ја дочекаа оваа победа затоа што за нив ова е и прво едно вакво учество на Ф4. Јас лично имав напорна сезона зад себе, играв и повреден, но собрав сили за еден вака значаен натпревар. Секако пресреќен сум што една таква сезона се крунисува на овој начин. Сигурно сега треба да уживаме малку по една ваква победа, но приказната не завршува тука… Утре не чека финале и мора да одиграме на исто ниво“ – изјави Лазаров веднаш по големата победа над ПСЖ во полуфиналето на Ф4 во Келн.

Тагови