Куманово против Работнички во полуфиналето на Купот на Македонија
Објавено на 16/02/2018 | КОШАРКА

Тимот на Куманово си закажа полуфинална пресметка против најтрофејниот македонски клуб во ова натпреварување, Работнички, откако во последното четвртфинале за денешниот ден го совлада тимот на Гостивар со резултат 85-65.

Двете екипи беа расположени за игра од самиот почеток на натпреварот. Реализацијата им ’тргна’ на кумановци кои полека почнаа да ја зголемуваат предноста. Кошаркарите на Гостивар не се заплшија од двоцифрената негатива, па на почетокот на вториот дел од натпреварот се заканија со намалување на разликата на минус шест поени. На тоа веднаш одговорија кумановци со враќање на довицфрената предност.

Победникот дефинитивно беше решен во третата четвртина од натпреварот кој Куманово го доби со 11 поени разлика (23-12) па пред последната четвртина влегоа со огромна предност од 21 поен.

Последниот период беше само формалност за кумановци кои натпреварот го приведоа во мирна завршница и висока победа од 20 поени разлика (85-65)

Најефикасен во победата на Куманово беше Караколев со 17 поени, додека Јаневски постигна 15 поени, а Мекиќ го заврши мечот со 13 постигнати поени. Во поразениот состав се издвоија Шегариќ со 17 поени и Робев со 12 постигнати поени.

Во утрешното полуфинале Куманово ќе се соочи со Работнички, додека во втората полуфинална пресметка од Купот на Македонија ќе се сретнат МЗТ Скопје и Блокотехна.

Тагови