Миралем Пјаниќ ќе биде новиот “мотор” на Реал Мадрид!?
Објавено на 09/05/2018 | Slider, ФУДБАЛ

Актуелниот европски првак, Реал Мадрид кој и оваа година има можност да ја одбрани европската титула со оглед на тоа дека ќе игра во финалето на Лигата на шампионите против тимот на Ливерпул, најавува големи промени во играчкиот состав за претстојниот преоден рок.

Откако, ја загубија титулата во ЛаЛига, а беа посрамотени и во Копа дел Реј испаѓајќи од Леганес на “Сантијаго Бернабеу”, единствена светла точка сезонава ќе биде доколку успеат да ја одбранат титулата во Лигата на шампионите.

Сепак, и покрај тоа резултатите се далеку од задоволителни за навивачите на “кралевите”, а уште помалку за раководството на чело со секогаш амбициозниот претседател, Флорентино Перез. Тој најавува голема реконструкција и подмладување на составот, бидејќи носителите на играта се веќе во поодминати години.

Лидерот и првата ѕвезда во составот, Кристијано Роналдо веќе има полни 33 години и неговата форма опаѓа, капитенот Серхио Рамос има 32 години, Бензема и Бејл се далеку од посакуваната форма и веќе се наоѓаат на излезната врата од Реал Мадрид, додека пак “моторот” на тимот, хрватскиот интернационалец Лука Модриќ исто така има 33 години и веќе не може да го издржи притисокот и жестокото темпо што го носи секој натпревар на “кралевите”.

Токму поради тоа, се најавуваат неколку звучни имиња за засилување на играчкиот кадар. Една од новите аквизиции треба да биде босанскиот интернационалец и член на Јувентус, Миралем Пјаниќ, кој треба да биде новиот “мотор” на тимот и наследник на Модриќ. Тој располага со одлична техника и има сличен стил на игра како и Модриќ, па не би требало да има потешкотии да се вклопи во системот на Зинедин Зидан.

За неговите услуги, Флорентино Перез е подготвен да понуди 60 милиони евра со цел да го донесе на “Сантијаго Бернабеу” и да му ја исполни желбата на Зидан.

Тагови