МЗТ Скопје победник на кошаркарскиот куп на Македонија
Објавено на 19/02/2018 | КОШАРКА

Тимот на МЗТ Скопје е новиот шампион во кошаркарскиот Куп на Македонија откако во голема битка во финалето беше подобар од вечниот ривал тимот на Работнички.“Металците” го враќаат трофејот по едногодишна пауза откако претходната година за прв пат во својата историја куп трофејот заврши во витрините на Карпош Соколи.

Овој трофеј е 9ти за МЗТ Скопје во Кун натпреварувањата, со што се изедначи со еднаков број на титули (9) со Работнички.

Уште од самиот старт на натпреварот двете екипи го наметнаа дефанзивниот пристап, а дека овој натпревар ќе биде неизвесен до самиот крај говореше податокот што по првите 10 минути игра резултатот гласеше 17-14 во корист на за МЗТ Скопје.
На почетокот на втората четвртина, играчите на Марин Докузовски се соочуваа со потешкотии во нападот, а тоа МЗТ Скопје знаеше како да го искористи со серија од 6-0. До крајот на полувремето “центарци” комплетно се вратија во натпреварот при што на одмор се замина со минимално водство за “металците” од 33-31.

Во вториот дел тимот на Работнички одлично ја започна третата четвртина при што го преземаа водството за 40-37. Тоа значеше и минута одмор за Лукајиќ, за да го запре налетот на момците од “Градски Парк”. Во продолжението Работнички продолжи со агресивната одбрана при што “металците” имаа потешкотии при организацијата на нападот и реализацијата, но благодарејќи на одличниот Дамјан Стојановски кој погоди 2 тројки при самиот истек на нападот го врати својот тим во водство од 43-40. Но, поради заработената четврта лична грешка на капитенот Стојановски, МЗТ Скопје одново требаше да се бори со агресивната одбрана на “центарци” без помошта од капитенот. Третиот период заврши со резултат 54-48 во корист на МЗТ Скопје, но натпреварот беше далеку од завршен.

Во последниот период, Работнички на крилата на својот плејмејкер и најрасположен кошаркар за игра, Димитар Мираковски ја одржуваше неизвесноста до самиот крај на натпреварот. Кошаркарите на Марин Докузовски го започнаа последниот одлучувачки период од натпреварот со одлична одбрана и неколку реализации во нападот, но во моментот кога имаа напад за водство, “малиот” Крофорд украде топка и во контра му донесе одново водство на својот тим од 5 поени разлика. Дополнително, проблемите за Работнички се зголемија откако двајцата високи кошаркари Бојан Крстевски и Кирил Николовски ги заработија своите 5ти лични грешки и мораше предвреме да го завршат финалето. Со тоа падна моралот и вербата на кошаркарите на Марин Докузовски дека можат да направат сензација во финишот и да го освојат трофејот.
Дарко Соколов погоди тројка за 72-63 и стави печат на победата. МЗТ Скопје искусно го приведе натпреварот во мирна завршница за конечни 76-67.

Бојан Трајковски беше најефикасен кошаркар на победникот со 18 поени, Дарко Соколов постигна 17 поени, а Дамјан Стојановски 15 поени. Во поразениот тим најрасположен беше Диммитар Мираковски, кој воедно беше и најефикасен кошаркар на паркетот. Него го следеа Ѓорѓи Чековски со 15 поени и Костов со 14 поени.

На наше големо задоволство ова беше доказ дека “вечното” дерби се враќа на ТВ екраните и љубителите на кошарката ќе можат повторно да уживаат во ривалството на Работнички и МЗТ Скопје.

Фото: supersport.mk

Тагови