Нант и Кире Лазаров први финалисти, го победија “големиот” ПСЖ!
Објавено на 27/05/2018 | Slider, РАКОМЕТ

Екипата на Нант, која е најголемото изненадување во Лигата на шампионите во ракомет оваа сезона, продолжува да ја испишува својата историја, победувајќи го големиот ПСЖ во полуфиналето и обезбедувајќи пласман во големото финале!

Почетокот на натпреварот мина во знакот на фаворитот од Париз, кој прв дојде во водство за по само неколку минути да има водство од 3-1. Во првата половина од првото полувреме се играше како во грч, како и двете екипи да се загреваа и се играше гол за гол на двете страни, се додека Нант не ја презема иницијативата и не направи серија од 4-0, преземајќи го водството за 9-6.

Оваа серија се покажа како клучна, бидејќи на чело со македоснкиот великан Кире Лазаров, помогнат од соиграчот Турна кои постигнаа по 8 погодоци, Нант успеа да го сочува водството до самиот крај на натпреварот.

Ѕвездите на ПСЖ, иако неколкупати се обидоа да се вратат во натпреварот, доаѓајќи на минус еден гол, сепак немаа доволно сили да го победат Нант и да се пласираат во големото финале.

Кај Нант блескаа Лазаров и Турна со 8 погодоци носејќи го својот тим до големото финале. Нашиот најдобар ракометар со овие голови е нов рекордер според бројот на голови на Ф4 турнирите во Лигата на шампионите. Тој го одигра својот 11ти натпревар на завршните турнири и на тој начин стигна до 59 гола.

Кај поразениот ПСЖ, најпрецизен беше младиот Ремили со 6 погодоци, помогат од двете најголеми ѕвезди во екипата Никола Карабатиќ и Микел Хансен кои постигнаа по 5 погодоци, но сепак недоволно за финале на својата екипа.

Тагови