Одлично прво полувреме, достоен пораз од Шпанија
Објавено на 18/01/2017 | РАКОМЕТ

Репрезентацијата на Македонија предмалку во Мец го забележа вториот пораз во четвртиот натпревар на Светскиот шампионат во Франција. Моќната Шпанија славеше со 29-25 откако нашите ракометари одиграа брилијантно прво полувреме.

Натпреварот заврши со неколку промашувања на двете страни. Први поведоа  Шпанците, а веднаш во следната акција Македонија израмни. Се играше гол за гол се додека Шпанија не поведе со 6-4. Веднаш потоа Македонија намали, но благодарение на серијата од 2-0 Шпанија стигна до највисоки +3 во првиот дел. Толку изнесуваше и највисоката предност на нашите репрезентативци кои при крајот на првиот дел ја прокоцкаа.

На паузата се отиде со 14-14, но белег на ова полувреме оставија нашите репрезентативци, особено со двата цепелини во изведба на Лазаров и Манасков односно Лазаров и Георгиевски. Овие две атракции ја кренаа на нозе Арената во Мец, а аплаузи имаше и од навивачите на Шпанија кои беа помалку бројни во однос на македонските.

Веднаш на почетокот на вториот дел Македонија дојде до водство од 15-14, а тоа беше и последното водство на нашата репрезентација. Во наредните 6-7 минути се играше гол за гол се до почетокот на 40. минута кога Шпаниај се одлепи на +3. Победникот беше познат на почетокот на 50. минута кога фаворитите направија серија од 5-0 и на крајот славеа со 25-29.

Се на се, ова беше натпревар во кој Македонија покажа карактер, покажа дека може и против Шпанија, а што е најважно покажа дека има потенцијал за идни успеси. Следниот натпревар Македонија го игра утре против Исланд од 17:45.

Тагови