Пандев конечно погоди за победа на Македонија
Објавено на 02/09/2017 | Мак Фудбал, ФУДБАЛ

Македонија конечно забележува голема гостинска победа откако предмалку во Хаифа со 1-0 ја совлада домашната репрезентација на Израел. Во натпревар во кој Македонија може да се каже дека беше за нијанса подобар противник, победоносниот гол го постигна капитенот Горан Пандев кој по 2008 година постигнува погодок во официјален квалификациски натпревар.

Првиот дел заврши 0-0, но Македонија со четири удари кон голот, статива и поништен гол беше подобар противник, нешто што не им се допадна на присутниот аудиториум кој своето незадоволство од играта на домашната селекција го изрази преку исвиркување на фудбалерите. Во вториот дел Израел се обиде да го префрли тежиштето на играта на половината на Македонија, но Горан Пандев во 73 минута по асистенција на Елмас приреди студен туш за домаќините.


Во останатите натпревари од групата Шпанија со 3-0 ја совлада Италија додека Албанија со 2-0 славеше над Лихтенштајн. Следниот натпревар Македонија го игра против Албанија во вторник во Струмица.

Тагови