Писмо до Калински
Објавено на 11/05/2017 | Колумни

Под светлината на полната месечена која во својата прегратка полека го зграпчуваше Скопје, некаде од кабините на Македонската Радио Телевизија го слушнавме твоето “Збогум”.

Вака пријателе. Добро знаеме дека се што има почеток има и крај, дека секоја генерација има свои херои. Ако дедо ми и татко ми растеа со Младен Дедиќ, Атанас Костовски и останатите, ти и тоа како го одбележа моето детство, мојата младост… Сеуште се наежувам кога ќе се сетам на Кореа и Јапонија 2002, Португалија 2004, на Германија 2006… .Сеуште се наежувам кога ќе се сетам на Атина, Торино, Пекинг, на финалето на Олд Трафорд, Сан Сиро, Лужники…. Сеуште се наежувам кога ќе се присетам на тоа како ги изговараше Турам, Недвед, Малдини, Фиго.

Едноставно пријателе, ти им даваше шмек на фудбалските натпревари, на спортските преноси. И најдосадната фудбалска утакмица ти ја украсуваше и изгледаше не толку досадно. Едноставно, не беше исто кога ти или некој друг ќе коментираше вторникот и среда вечерта.

Пријателе ти не си коментатор, да се разбереме. Ти си уметник! Да, уметник. Секој пренос ние го збогатувавме нашиот вокабулар, а ти диригирајќи со зборовите ја разбиваше монотонијата на спортските арени давајќи им посебна димензија на победите и поразите, на радоста и тагата…

Пријателе, ние заслужуваме финале со тебе, а ти уште повеќе, со стил да ја завршиш трката коментирајќи го 25то финале на Лигата на Шампионите на арената каде некогаш Келтите ги вкрстувале своите мечеви, а на 3ти јуни великаните на светскиот фудбал ќе “танцуваат” за тронот.

Тагови