По пауза од 9 години, Работнички повторно шампион на Македонија!
Објавено на 26/05/2018 | КОШАРКА

Првпат по пауза од 9 години, Работнички е шампион на Македонија. Ова е 15та титула за најтрофејниот тим во Македонија.

Во третиот натпревар од финалната серија, Работнички славеше со 87:84 и со вкупни 3:0 ја освои новата шампионска титула.

МЗТ Скопје беше многу подобар на почетокот од натпреварот. “Металците” најпрво поведоа со 6:0, а во петтата минута и со 15:2. Со тоа Марин Докузовски мораше да ја искористи првата минута одмор за да ги смири своите кошаркари, а тие му возвратија со серија од девет поени во низа. Сепак, гостите и натаму ја имаа контролата над резултатот и умешно ја чуваа својата предност.

Секогаш кога Работнички ќе се вратеше во игра, следуваше нова серија по која МЗТ Скопје одеше на повисока разлика. Највисоката изнесуваше 14 поени (38:24) и тоа не беше најголема предност само на овој натпревар, туку и во целата серија.

На полувреме се замина со предност за МЗТ Скопје од 8 поени, со резултат 48-40.

Во второто полувреме, очигледно Марин Докузовски се одлучи за промени во одбраната на својот тим кои вродија со плод. Далеку поцврсто во дефанзивата, агресивно на секој обид на противникот, Работнички стартуваше да ја намалува предноста на „металците“.

И, конечно за триумфот на домашните во „Градски парк“ пресуди последниот период од играта. Работнички стартуваше со серија од 7-0 по што го презеде водството на мечот, прво на натпреварот. Во продолжението домашните кошаркари беа тие кои постојано го контролираа резултатот за предност и од 71-66 на пет минути пред крајот. Во игра кош за кош во следните минути, на две минути пред крајот се дојде до само еден поен позитива за Работнички (78-77).

Во драматичен финиш во последната минута, Дамјан Стојановски заработи петта лична грешка, а во пенал завршница домаќините беа тие коимногу подобро се снајдоа на теренот. Гинјард и Костов реализираа за конечна победа на Работнички од 87-84, стигнувајќи до 15-та шампионска титула во Македонија.

Најефикасни во триумфот на Работнички беа Чавдар Костов со 19 поени, Караџовски со 17 поени и Робинсон со 13 постигнати поени. Гинјард запиша 12 поени, а Чековски мечот го заврши со 11 поени. Кај МЗТ Скопје, Бојиќ имаше 17 поени, Дамјан Стојановски натпреварот го заврши со 16 поени, а Лалиќ заврши со 15 поени.

Тагови