ПСЖ ја почувствува моќта на “Кралевите” (ВИДЕО)
Објавено на 15/02/2018 | ФУДБАЛ

Реал Мадрид уште еднаш покажа кој е “крал” во Лигата на шампионите, победувајќи го ПСЖ со 3-1 во првиот осминафинален натпревар одигран во Мадрид на”Сантијаго Бернабеу”.

Фудбалерите на Париз Сен Жермен први дојдоа во водство во 33тата минута, кога Адриен Рабио ја затресе мрежата на Кејлор Навас по грешката на одбраната на мадриѓаните. Пред самиот крај на првиот дел, Реал Мадрид израмни од пенал. Тони Крос беше соборен во шеснаесетникот на гостите, а Кристијано Роналдо беше успешен реализатор на најстрогата казна.

Актуелните бранители на трофејот на почетокот на вториот дел беа во подредена улога, дозволувајќи им на гостите да создадат неколку шанси, но сепак на крајот ја задржаа присебноста и дојдоа до многу значајна победа која може да значи спас на веќе лошата сезона.

Работите на теренот драстично се променија со влегувањето на Лукас Васкез и пред се на Марко Асенсио кои со две асистенции ја донесе победата на “кралевите”. Најпрво во 83тата минута Асенсио испрати центаршут во петерецот на ПСЖ, а по одбиената топка најприсебен беше Роналдо кој со својот втор гол донесе водство за Реал Мадрид.

Три минути подоцна, Марсело ги постави конечните 3-1, за солидна предност пред реваншот во Париз за две недели.

Тагови