Работнички ги декласираше младите “соколчиња”
Објавено на 16/02/2018 | КОШАРКА

Тимот од “Градски парк” е првиот полуфиналист во кошаркарскиот куп на Македонија, откако во првата четвртфинална пресметка попладнево беше поуспешен од Карпош Соколи со резултат 103-49.

Карпош Соколи е актуелен освојувач на Купот на Македонија, но откако Општина Карпош одлучи да не го финансира клубот, следуваше масовно напуштање на екипата. Младите играчи кои останаа во составот немаа сили да му се спротивстават на Работнички, кој важи за еден од најсериозните кандидати за трофејот заедно со тимот на МЗТ Скопје.

Уште од самиот старт на натпреварот кошаркарите на Работнички ја наметнаа својата игра, доминираа во секој сегмент од играта и по првите десет минути остварија предност од 26-9. Високата предност му овозможи на тренерот Марин Докузовски да ги одмори своите најдобри кошаркари во пресрет на вистинските предизвици кои следуваат, а шанса добија младите кошаркари кои имаат помала минутажа.

Како што одминуваше времето, разликата се повеќе се зголемуваше за конечни на крајот 103-49. Најефикасен во составот на Работнички беше нивниот најдобар играч сезонава Маркус Гинијард со 21 поен за вкупно 21 минута поминати на паркетот, дополнети со 7 скока и 3 асистенции. Забележителен настап имаше и Ефремовски, кој постигна 18 поени, додека Мираковски беше стрелец на 14 поени и 9 асистенции.

Во екипата на Карпош Соколи најрасположени за игра беа Атанасов со 15 поени и Бешлиовски со 12 поени.

Работнички во полуфиналето го очекува победникот од натпреварот помеѓу екипите на Куманово и Гостивар.

Фото: gol.mk

Тагови