Реал Мадрид е првиот финалист во Лигата на шампионите!
Објавено на 02/05/2018 | Slider, ФУДБАЛ

Реал Мадрид е првиот финалист во Лигата на шампионите, откако „кралевите“ во драматичен натпревар одиграа нерешено 2-2 на „Сантијаго Бернабеу“ против германски Баерн Минхен.

Најтрофејниот европски тим се пласираше во третото финале по ред, благодарение на победата од 1-2 на „Алијанц арена“  во Минхен. Мечот беше неверојатен, со четири гола и бројни шанси на двете страни, а Баерн иако имаше повеќе од играта и иницијативата, сепак како и на првите 90 минути повторно ќе жали за нереализираните ситуации во шеснаесетникот на Кејлор Навас.

Реал Мадрид повторно лошо го започна натпреварот, исто како и претходната рунда со Јувентус и беше изненаден уште во третата минута кога Кимих постигна погодок по една мешаница во шеснаесетникот на „кралевите“. Но, многу критикуваниот Карим Бензема може да се каже дека беше херојот на Реал Мадрид на овој натпревар. Веќе во десеттата минута, по одличниот центаршут на Марсело, Бензема се најде на вистинското место во вистинско време и постигна гол за израмнување на резултатот на 1-1.

На самиот почеток на второто полувреме, по една кардинална грешка и недоразбирање помеѓу Толисо и голманот Улрих, Бензема повторно се најде на вистинското место, носејќи го Реал Мадрид во водство од 2-1 и најавувајќи го пласманот во третото финале по ред.

Неколку минути подоцна, Роналдо промаши 100% шанса со која можеше да стави крај на приказната на овој двомеч. Сепак, Баерн повторно се врати во натпреварот со погодокот на “нивниот играч” Хамес Родригез.

Баерн потоа имаше уште неколку одлични шанси за пресврт, но Кејлор Навас беше човекот на одлука, чувајќи ја својата мрежа во моментите кога беше најважно, за ново финале на Реал Мадрид во елитното европско натпреварување.

Вториот финалист ќе биде познат по вечерашниот реванш помеѓу Рома и Ливерпул, на кој „црвените“ ќе бранат предност од 5-2 од првиот меч на „Енфилд“.

Тагови