Самарџиев се врати „дома“. Нови договори за Малинков и Марковски
Објавено на 07/06/2014 | Slider, КОШАРКА

Само неколку денови по официјалниот крај на резултатски најнеуспешната сезона од постоењето на кошаркарскиот клуб „Фени Индустри“, новото раководство на тимот започна со реализирање на амбициозниот план за враќање на клубот во врвот на македонската кошарка.

Во изјавата за www.kavadar4e.com, директорот на кошаркарскиот клуб Фени Индустри, Трајче Попов рече: „За жал, финансиската криза не ни дозволи минатата година да ги повториме спортските радости кои со години наназад на кавадаречката публика им ги приредуваа нашите кошаркари, но сега сето тоа е минато и веќе почнуваме со формирање на силен тим за следната сезона, чија примарна цел ќе биде пласман во суперлигата. Секако, мораме не само јас како директор на клубот, туку и целата спортска јавност да му се заблагодариме на првиот човек на Фени Индустри, господинот Константинос Даскалакис кој и во тешката година за Фени одлучи клубот да не згасне, а веќе од оваа година и да се одвои поголем буџет кој ќе ги исполни нашите цели“ – започна Попов.

Бројните реформи кои ќе ги претрпи тимот во новата сезона засега ги „преживеаа“ само тренерот Љупчо Малинков кој и во новата сезона ќе го предводи клубот, како и убедливо најдобриот играч минатата сезона во дресот на Фени, бекот Јован Макровски. „Заедно со управителот на клубот Јусуф Миракхмедов сме на мнение дека поради бројните проблеми со финансиите, играчите и нивните здравствени проблеми, ланскиот резултат кој го постигна Љупчо Малинков не е мерило за неговиот квалитет, па токму затоа договорот со него е продолжен. Исто така, нов едногодишен договор е потпишан и со нашиот најдобар играч во минатата сезона, бекот Јован Марковски кој се надеваме дека ќе има нова блескава сезона во дресот на Фени“.

Новина во клубот е и враќањето на старо-новиот капитен Горан Самарџиев, кој по една сезона помината во Лирија повторно се враќа во Јасмин. „Шпекулациите кои во последно време кружеа низ македонските спортски медиуми сега и официјално се точни. Горан Самарџиев се враќа во Фени и тоа е добро за нас, пред се затоа што тој ужива голема почит не само помеѓу играчите, туку и кај кавадаречката публика“ – продолжи Попов.
Последната вест од канцеларијата на клубот е и назначувањето на Ристе Стефанов за спортски директор на клубот. „Ристе Стефанов реши дека е време да стави крај на својата успешна кариера. Со оглед на се што стори за промоција на кошарката и градот воопшто, решивме да му го доделиме местото на спортски директор во клубот. Неговото искуство и совети ќе бидат од драгоцена помош, па задоволство ни е што го имаме како дел од овој амбициозен проект“ – заврши Попов.

Но, ова не се единствените новости кои пристигнуваат од Фени. Се очекува за време на викендот клубот да објави уште неколку имиња од кои дел на млади македонски кошаркари, а дел на странски кошаркари кои сезонава ќе го облечат дресот на Фени.

Тагови