Триплета на Реал Мадрид во ЛШ!
Објавено на 27/05/2018 | Slider, ФУДБАЛ

Реал Мадрид испиша историја откако стана прв клуб по формирањето на ЛШ што трета година по ред успеа да триумфира во елитното европско натпреварување. „Кралевите“ беа подобри од Ливерпул со резултат 3-1.

Главни ѕсвезди на вечерта беа “резервистот” Герет Бејл, како и голманот на Ливерпул, Лорис Кариус, кој имаше катастрофален натпревар, настап кој долго време ќе остави црна дамка врз неговата кариера.

Првото полувреме почна со доминација на Ливерпул, кој беше многу подобар противник на теренот, но сето тоа се промени по повредата на нивниот најдобар играч, Мохамед Салах. Египќанецот настрада по еден старт на Серхио Рамос, го повреди рамото и мораше да биде заменет.

По неговото излегување од теренот, играчите на Клоп, како целосно да го загубија компасот на теренот, менувајќи ја целосно својата тактичка определба. Тие целосно се затворија на својата половина, чекајќи го што побрзо полувремето.

Следеше шок и за Реал Мадрид, откако Дани Карвахал се пожали на повреда. Тој остана да лежи на теренот и по неколку минути со солзи во очите го заврши финалето во Киев, исто како и Момо Салах.

На полувреме се замина со почетниот резултат 0-0, без некоја посериозна шанса на двете страни.

Вториот дел започна многу повозбудливо, откако Иско во 47та минута ја погоди пречката од голот на Лорис Кариус, за само неколку минути подоцна Реал Мадрид да дојде до водство по катастрофалната грешка на голманот на Ливерпул.

Сепак, Ливерпул по само 4 минути игра се врати во натпреварот и израмни преку Садио Мане. Но, тоа беше се што направија “црвените”  на овој натпревар.

Само неколку минути по влегувањето во игра од клупата, на сцена стапи Герет Бејл. Велшкиот репрезентативец постигна неверојатен еврогол со ножички за 2-1, а потоа ги постави и конечните 3-1 по уште една катастрофална грешка на Кариус, кој сам си ја смести топката во мрежата. Ако голманот на Ливерпул сам си ја ископа дупката по првиот наивен гол, по третиот гол на Реал Мадрид тој самиот се закопа во неа.

Додека Реал Мадрид продолжува да испишува историја, за Ливерпул останува огромна тага по уште едно загубено финале.

Тагови