Вардар му подари бод на Висла Плок
Објавено на 05/03/2018 | Slider, РАКОМЕТ

Екипата на Вардар одигра нерешено 31-31 против Висла Плок на последниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите.

Македонскиот и европски шампион го имаше обезбедено првото место на табелата, откако претходниот ден Рајн Некар Левен и Нант исто така одиграа нерешено што значеше сигурно прво место за Вардар, па овој натпревар за домашните ракометари немаше големо резултатско значење.

На другата страна на тимот на Висла Плок му беше неопходна победа доколку сакаше да продолжи со настапите во Лигата на шампионите во оваа сезона и да се пласира во Топ 16. Сепак, Вардар не дозволи да биде изненаден и да го претрпи првиот пораз на домашен терен и одигра само реми, кое не им беше доволно на гостите за пласман понатаму.

Последен патник во Топ 16 во ЛШ е тимот на Кристијанштад кој извлече најголема корист од сите тимови кои се бореа за последното место што води понатаму, победувајќи го на гости директниот конкурент тимот на ППД Загреб со 27-24.

Вардар како првопласиран тим во групата А, ќе ја прескокне осминафиналната фаза и ќе го чека подобриот од дуелот помеѓу екипите на ПИК Сегед и Кил. Ракометарите ќе имаат доволно време за подготовка на четвртфиналната фаза и со триумф втора година по ред да се пласираат на Ф4 турнирот во Келн каде што ќе имаат можност да ја бранат титулата освоена минатата година.

Тагови