Вардар остана без финале, поразен од Монпеље!
Објавено на 27/05/2018 | Slider, РАКОМЕТ

Нашиот шампион и сеуште актуелен европски шампион Вардар не успеа да се пласира во големот финале од ЛШ на Ф4 турнирот во Келн, откако беше поразен од францускиот тим Монпеље со 28-27. Со тоа, Вардар ја загуби можноста да стане првиот тим што ја одбранил титулата, а со тоа да испише историја во ракометна Европа.

Вардар го почна натпреварот во грч, не успевајќи да постигне гол во првите 5 минути од натпреварот, а тоа Монпеље го искористи за да стигне во водство од 3-1. Вардар првиот гол го постигна во 6тата минута од натпреварот.

По лошиот почеток, момците на Раул Гонзалез се консолидираа и заиграа подобро и во одбраната и во нападот, преземајќи го водството со 7-6. Но, тоа е единственото што вардарци го направија на натпреварот.

Потоа, Монпеље се врати во водство, кое истото умешно го чуваше до самиот крај на натпреварот. За Вардар голем хендикеп беше отсуството на Арпад Штербик во најголемиот дел од натпреварот. Кога излезе од игра сите мислеа дека тоа е тактичка определба на тренерот, бидејќи лошо го започна натпреварот, но како што одминуваше времето беше јасно дека вардарци се соочуваат со проблем на голманската позиција.

Иако, по влегувањето во игра, Џамбо Милиќ имаше неколку добри одбрани, во клучните моменти ја загуби концентрацијата и тука најмногу се почувствува отсуството на Штербик. Покрај тоа, и одбраната на Вардар немаше лек за расположените Валентин Порт и Мелвин Ричардсон кои го предводеа Монпеље до големото финале во ЛШ на Ф4 турнирот во Келн.

Кај победникот на натпреварот, најпрецизен беше Валентин Порт кој го предводеше својот тим во првото полувреме. Во вториот дел, откако Порт беше запрен на сцена стапија Гигу со 7 погодоци и Ричардсон со 6 погодоци.

Кај Вардар најпрецизни беа најдобрите наши ракометари Вуко Борозан и Лука Циндриќ со 6 погодоци, помогнати од Иван Чупиќ со 5 гола.

За жал, останатите ракометари на Вардар не беа на потребното ниво, па така Монпеље е заслужено во големото финале каде ќе игра со тимот на Нант, предводен од нашиот Кире Лазаров.

Вардар ќе ги одмери силите со ПСЖ, но само во натпревар за третото место.

ВАРДАР – МОНПЕЛЈЕ 27:28 (11:14)

Сала: Ланксес арена во Келн. Гледачи: 19.000. Судии: Јонас Елијасон и Антон Палсон од Исланд. Делегати: Виктор Конопласти од Украина и Мирослав Баум од Полска.

ВАРДАР: Штербик (1 одб.), Милиќ (5 одб.), Стоилов 1/1, Кристопанс 1/4, Мораеш 2/2, Македа 4/4, Карачиќ, Абутовиќ, Канељас 1/2, Циндриќ 6/10, Чупиќ 5/10, Дибиров 1/1, Шишкарев 0/2, Борозан 6/10, Војводиќ, Марсениќ.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 6 мин.

МОНПЕЛЈЕ: Жерард (6 одб.), Портнер (1 сед.), Симонет 1/2, Вилемино, Кауз, Трухановичиус 3/6, Гигу 7/8, Ричардсон 6/11, Кавтичник, Бонефон 0/2, Фаустин, Фабрегас 3/4, Порт 8/10, Бинго, Суси, Мамду

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 8 мин.

Тагови