Вардар заинтерсиран за играч на Барселона!?
Објавено на 21/02/2018 | Slider, РАКОМЕТ

Вардар е заинтересиран за ракометар од актуелниот состав на Барселона. Играчот кој е мета на актуелниот европски првак е пикерот Алексис Хернандез Боргес. Тој минатото лето се пресели во каталонскиот состав од редовите на Порто.

Кубанскиот пикер има договор со Барселона со важност од една сезона, но со опција доколку има интерес за продолжување на соработката на дополнителни две сезони. Доколку не го продолжи договорот со каталонците, ќе стане достапен за трансфер во црвено-црниот дрес.

Со неговото доаѓање, Вардар ќе ја пополни празнината на пикерската позиција која ќе настане со заминувањето на српскиот пикер Мијајло Марсениќ.

Македонскиот тим најави голема реконструкција на својот актуелен состав, од чии редови со сигурност си заминуваат Арпад Штербик кој потпиша за Веспрем, Илија Абутовиќ кој се сели во Рајн Некар Левен, Лука Циндриќ кој повторно ќе игра со својот поранешен соиграч од Вардар, Алекс Душебаев во составот на полски Киелце и Мијајло Марсениќ кој ќе се пресели во редовите на Фухсе Берлин. Дополнително, од составот на Вардар можно е да си заминат и шпанските репрезентативци Македа и Канељас, како и Караџиќ.

Промена ќе има и на клупата, тренерот Раул Гонзалес заминува во ПСЖ, а на негово место ќе дојде Роберто Парондо кој сега е помошник тренер во женскиот тим на Вардар.

Многу работи зависат од газдата на Вардар, Сергеј Самсоненко и неговите идни планови со македонскиот и европски шампион. Првично, тој најави целосно повлекување од Вардар, за подоцна да се премисли и да изјави дека останува, но дека значително ќе го скрати буџетот на клубовите. Први на своја кожа тоа го почуствуваа ракометарките на Вардар, на кои им беше соопштено да си бараат нова средина, бидејќи вардарки од следната сезона ќе се потпрат на млади македонски ракометарки. Со тоа и значително се намалуваат амбициите на тимот.

Ако на тоа, се додадат и заминувањата на ракометарите, на повидок е црно сценарио за Вардар. Финансиската криза во редовите на шампионот ја потврди и шпанскиот репрезентативец Жоан Канељас во неодамнешното интервју за шпанските медиуми во кое потврди дека им доцнат платите и дека доколку не им се исплатат, иако ракометарите му веруваат на зборот на претседателот, и преостанатите ракометари кои немаат пронајдено клуб ќе започнат да бараат нова средина во најскоро време.

Тагови