Време е за нов подвиг, време е за историја
Објавено на 21/01/2018 | РАКОМЕТ

Македонските ракометари вечерва со почеток од 20:30 во Вараждин ќе го одиграат првиот натпревар од главната рунда од ЕП во Хрватска. По одличниот настап во групната фаза, Македонија вечерва ќе ги одмери силите со една од најтрофејните ракометни репрезентации – Шпанија.

По резултатите од првото коло од главната фаза, за историски пласман во полуфиналето на Македонија потребни и се две победи, но во зависност од останатите натпревари во полуфиналето може да се пласираме и со победа и нерешен. Букмејкерите даваат аутсајдерска улога на нашите ракометари во пресрет на вечерашниот натпревар, а тоа е мотив плус за да направат нов подвиг, подвиг за ракометна историја. За победа ракометарите мораат да одиграат храбро на уште еден натпревар, но Раул мора да ги елиминира и грешките што ги правевме на претходните натпревари, како во одбраната така и во нападот.

Шпанија ги има феноменалните Кањелас, Ентрериос, Дујшебаев, Морос, Фигуерес … но со добра тимска игра може да се забележи победа над Шпанија, нешто што никогаш претходно го немаме направено. На досегашните пет меѓусебни натпревари, Македонија има исто толку порази, а последниот меѓусебен натпревар се одигра минатата зима кога на СП загубивме со 29-25.

Време е за нов подвиг, време е за историја, а за такво нешто неопходна ќе биде и поддршката која сигурно ракометарите ќе ја имаат во Вараждин.

 

 

Тагови