Жалгирис прв до Ф4 турнирот во Евролигата
Објавено на 27/04/2018 | КОШАРКА

Најпознатиот литвански тим и актуелен шампион на оваа земја, тимот на Жалгирис е првиот патник на Ф4 турнирот во Евролигата што годинава ќе се одржи во Белград.

Предводени од литванската кошаркарска легенда Шарунас Јасикевичиус, кошаркарите на Жалгирис ја забележаа третата победа во четвртиот натпревар против грчки Олимпијакос со резултат 101-91 и со тоа се пласираа на Ф4 турнирот за првпат по 1999 година кога ја освои и единствената титула која ја има.

Олимпијакос имаше активен резултат до првата четвртина кога резултатот беше 23:22. Но, оттогаш Жалгирис почна да го контролира целосно натпреварот, поготово во вториот период кој домаќините го добија со 28-15 и на полувреме заминаа со двоцифрена предност (51-37), која и дополнително ја надградија во третата четвртина. Олимпијакос се обиде да се врати во финишот од мечот, но, сепак, разликата беше преголема во корист на литванскиот тим.

Кевин Пангос со 21 поен беше најефикасен кај домашниот тим и заедно со Улановас 20 поени беа предводници на Жалгирис до оваа значајна победа и настап во Белград. Кај Олимпијакос единствен расположен кошаркар беше нивниот најдобар поединец Василис Спанулис, но сепак недоволно за победа.

 

Тагови