КК Лирија замина во историјата – отворено писмо на тренерот Марјан Илиевски

Отворено писмо на тренерот на кошаркарскиот клуб Лирија, под чие раководство за четири години и резултатите на екипи која замина во историјата.

Во продолжение писмото на Марјан Илиевски:

“Почитувани љубители и добронамерници на македонската кошарка. Се обраќам како тренер на КК Лирија кој имаше чест да биде на кормилото од почетокот на зреењето и прераснувањето во успешна спортска приказна на овој клуб. За жал, Лирија денеска е веќе историја во елитата на македонската кошарка.

Од една страна искрено жалам за состојбата во која се најде Лирија. Од друга страна сум горд и се чувствувам привилегиран што бев дел од овој успех. Како и во секоја област, така и во кошарката – резултатите се тие кои зборуваат за нас, нем сведок за еден досега невиден успех, за успех – како од калта се достигнуваат спортските височини. И како во секоја “битка“ – колку се поголеми пречките – толку е поголем постигнатиот успех.

А ние ги имавме….доволно….без своја матична сала, постојано принудени да трчаме “од немило – до недраго“, со разни притисоци..да се игра без публика, да се игра дистанциран од сите неправди од неспортската природа..Во изминативе четири сезони Лирија прерасна во сериозен фактор во македонската елитна кошарка, клуб кој со целата своја сила се фокусираше на својот спортски успех, и на тој начин, за многумина неочекувано, прерасна во сериозен конкурент, достоен за највисок пласман, успевајќи одлично да се носи со играта и на клубовите со долга традиција во македонската кошарка кои имаат одлични услови за тренажен процес, подолга клупа и ротација на играчи, и пред се – соодветен буџет.

Вечно ќе остане забележан успехот кој го постигнавме благодарение на големиот број искусни играчи кои поминаа во клубот, огромната поддршка од сите љубители на клубот, почнувајќи од салата во Бутел, потоа промената во Сарај каде што клубот вистински растеше со несебичната поддршка од Ребелите и од граѓаните од таа општина – до, за жал, само двата одиграни натпревари во салата во Чаир и огромната, несебична поддршка на Шверцерите. Најголемите успеси се постигнуваат кога ја чувствувате наклонетоста и поддршката од околината. Поддршката значеше огромен мотив и за мојата екипа, и за мене, и за управата. Покрај играчите и поддршката од навивачките групи овој успех на Лирија ќе беше невозможен без капитенската поддршка од страна на капитенот Лабинот Идризи кој беше најголемиот фактор за хемијата во екипата, кој иако млад покажа што се човечки квалитети и несебичност на својата позиција.

Беше вистински предводник на екипата. Потоа, Секретарот на клубот Нагиб Фетахи и почитуваниот пријател Шабедин Љаци – главните иницијатори за мојот ангажман во клубот и секако, тука е и критичарот со најдобри намери, легендата на албанската кошарка Енвер Сламнику. ВИ БЛАГОДАРАМ НА СИТЕ! Најголемо БЛАГОДАРАМ на единствениот “виновник“ за проектот КК Лирија – проф. др. Зекирија Идризи.

Главната поддршка на клубот, секогаш подготвен да подаде рака, трпелив и ненаметлив во секоја ситуација, со силна желба за резултат, со голема радост за постигнатиот успех, но и длабоко разбирање кога губевме, без создавање притисок и со силна верба во тимот (велеше “Изгубивме – ама во добра игра!“). Човек кој вистински ги вреднува и почитува човечките и спортските квалитети успешно соочувајќи се со притисоци од различна природа, најчесто нечовечка и неспортска. Се тоа беше уште поголема обврска да создадеме респектабилен клуб. Со силна верба и доверба – дека успехот ќе дојде. И навистина, успехот дојде! За жал, останаа нереализирани планираните цели и визија, а тоа е меѓународно натпреварување и создавање силен младински погон. Тој простор е одземен и позитивен исчекор – нема!

Сега сите заминуваат на своја страна:
Играчите – еден дел ангажирано во македонските клубови, а има и такви кои благодарение на постигнатите резултати во Лирија, веќе чекорат по кошаркарските сали надвор од земјава, секој со своите квалитети и амбиции, тренерот – сеуште без ангажман, но со силна верба дека со своето знаење, вештини и компетенции и натаму ќе имам можност да создавам успешни спортски приказни. Инвеститорот – со безброј неодговорени прашања. Зошто кога приказната е науспешна, некој толку силно се потруди таа да не постои?!

Како и да е – Примерот е поставен! КК Лирија е исклучително успешна спортска приказна, пример за успешно водење и менаџирање на клуб кога условите за тоа се минимални и исклучително тешки, успешна приказна како со поддршка, мотивираност и знаење се достигнува врвот. Сега, иднината останува на оние што доаѓаат, со надежи дека нема да се чека повторно 20 години за да има кошарка во оваа средина.

Ви благодарам на сите добронамерници кои изминативе четири сезони придонесовте или бевте дел од КК Лирија“.
-Марјан Илиевски-


Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *